Во рамки на заедничка иницијатива со нашите локални партнери – IDUEP Institute (Institute for Good Governance and Euro-Atlantic Perspectives) – и партнерите од Брисел, Confederation of European Senior Expert Services (CESES) и Centre for European Volunteering (CEV), беа одржани серија подготвителни состаноци за претстојната Регионална конференција „Мостови на искуство: Зајакнување на волонтерство за одржлив развој на Балканот“, која ќе се одржи во ноември 2025 година во Скопје.
Конференцијата претставува значаен чекор во подготовките за Меѓународната година на волонтерите за одржлив развој (IVY 2026) – глобална иницијатива на Обединетите нации, поддржана од 54 земји, меѓу кои и Северна Македонија. Важно е да се истакне дека речиси половина од потписничките земји се од Балканот: Србија, Црна Гора, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Хрватска, Бугарија, Грција и Словенија. Ова отвора значајни можности за регионална соработка и создава обврска за заедничко унапредување на волонтерството како алатка за солидарност, инклузија и одржлив развој.
Состаноци со клучни институции
Подготвителните дискусии се одржаа со државни секретари од:
- Министерство за спорт
- Министерство за економија и труд
- Министерство за социјална политика, демографија и млади
- Амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија
Фокусот беше насочен кон поддршка на системски политики кои ќе го зајакнат волонтерството и ќе го промовираат неговото општествено значење, преку изградба на одржлив волонтерски систем наместо неговата сегашна епизодна улога во општеството.
Посебен акцент беше ставен на професионалното волонтерство на повозрасната популација – лица над 50 години кои преку своето животно и професионално искуство можат суштински да придонесат во зајакнување на заедниците и поттикнување на меѓугенерациска соработка. Исто така беше нагласена улогата на волонтерството во спортот како една од најдостапните и највлијателните форми на општествено учество во Северна Македонија, особено преку ангажман на поранешни спортисти, тренери и спортски работници.
На средбата во Министерството за спорт беше презентиран и Еразмус+ проектот „Volunteering in Inclusion & Empowerment with Sports“ (VIEWS 2024–2027), кој во Северна Македонија го спроведува Македонскиот Параолимписки комитет. Проектот има за цел да ја адресира празнината во разбирањето и имплементацијата на инклузивни волонтерски програми во редовните спортски организации.
Јасна подготвеност за институционална соработка
Од состаноците произлезе силна подготвеност за заедничка работа – министерствата изразија спремност да бидат ко-организатори, да испратат покани до регионални колеги, да потпишат заедничка декларација и да обезбедат присуство на конференцијата со релевантни говорници и експерти. Финансискиот дел за организацијата на настанот е целосно обезбеден од партнерите.
Делегацијата на Европската Унија во Скопје го потврди своето учество и ја изрази подготвеноста да помогне во промоцијата и ширењето на настанот.
Се гледаме во Скопје!